Парондо: Ако играме вака, тешко дека ќе имаме добри резултати

Роберто Парондо може да биде задоволен од резултатот, но не и комплетно од играта на вардарци во првиот натпревар против Металург во регионалната СЕХА лига. Новата епизода во неговата тренерска кариера на клупата на Вардар, Шпанецот ја почна со две победи против ривалскиот Металург, првата во Супер купот, втората вечерва во СЕХА лигата. Но, за разлика од Брестовац на спротивната страна, Парондо истакна дека не е задоволен од играта на своите избраници и покрај победата.

„Првото полувреме не беше дoбро, во второто одигравме малку подобро, но не сум задоволен. Вака не смееме да играме. Треба да делуваме силно и сигурно на терен, особено во одбраната, но вечерва бевме далеку од тоа ниво. Доколку не се смени пристапот и играта, не можеме да очекуваме резултати“ – предупреди Роберто Парондо.

Следен предизвик за шпанскиот тренер и за вардарци ќе биде дуелот против нишки Железничар со Веселин Вујовиќ на клупата, што ќе се одигра на 4 септември во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...