Партизан ќе бара нов тренер – Станојевиќ ги напушта „црно-белите“

Партизан е на добар пат да ја загуби борбата за титулата во српското првенство, а „црно-белите“ веднаш по завршувањето на сезоната ќе мора да бараат и нов тренер. Како што информира „Моцарт Спорт“, Александар Станојевиќ е решен да си замине од клупата на Партизан, одлука за веќе ја информирал и клупската управа, која начелно ја прифатила неговата оставка иако има уште една година од договорот со „црно-белите“ од Белград.

Партизан испушти одлична предност што ја градеше во текот на сезоната, но избраниците на Станојевиќ имаа неколку „киксови“ во последните месеци, па на едно коло до крајот заостанува два бода зад лидерот Црвена Звезда.

Станојевиќ во неколку ситуации во изминатиот период се жалеше на различниот судиски критериум при одлуките за неговиот тим и за лутиот ривал, потенцирајќи ги токму грешките на арбитрите за главен фактор за загубената трка за титулата. Тој ќе има можност за одмазда во куп-финалето, но без оглед на исходот од тој дуел со Црвена Звезда, одлуката за заминување нема да биде променета.

„Со оглед на тоа како функционираат работите во српскиот фудбал, не е реално да ја земеме титулата. Или подобро кажано – не ни беше дозволено, бидејќи бевме ограбени во повеќе наврати. Одземена ни е шампионската титула што со игрите ја заслуживме и многу сум разочаран од тоа. По една вака одработена сезона и вакво големо разочарување, повеќе не знам на кој начин да функционирам и да работам овде“, истакна неодамна Станојевиќ.

Се вчитува...