Партизан прослави 30 години од европската круна: Тројката на Ѓорѓевиќ ги промени животите на сите…

Кошаркарскиот клуб Партизан синоќа на гала-вечера ја одбележа јубилејната 30-годишнина од освојувањето на европската титула во Фуенлабрада. Дел од настанот беше и актуелниот тренер на Работнички, Игор Михајловски, кој беше дел од екипата предводена од Жељко Обрадовиќ, која се искачи на врвот на кошаркарска Европа.

МВП-кошаркарот на големото финале, Предраг Даниловиќ, се осврна на лудата завршница во Фуенлабрада и на легендарната тројка на Александар Ѓорѓевиќ.

„Пресреќен сум што гледам луѓе со кои се немам видено долго, долго време. Со нас вечерва не е Саша Ѓорѓевиќ, исто како и Драган Кичановиќ, секако дека многу ги сакаме. Саша Ѓорѓевиќ при снимањето на документарниот филм за ова финале изјави дека не се сеќава кој кажал дека неговата тројка ни ги промени кариерите на сите. Јас го реков тоа, и 100% е точно, бидејќи таа тројка ни ги промени животите на сите. На подобро, на многу подобро, и сите сме му благодарни поради тоа“, истакна Даниловиќ.

Предводник на Партизан во овој историски успех беше Жељко Обрадовиќ, кој токму со „црно-белите“ ја освои првата од вкупно деветте европски круни во својата извонредна кариера. По бројните успеси ширум Европа, Обрадовиќ минатото лето се врати назад во Белград за повторно да го води својот Партизан.

„Бев овде и за 20-годишнината, но беше поинаку бидејќи не живеев во Србија. Сега се вратив, живеам во најубавото место во свтот и работам во најдобриот клуб во светот. Мило ми е што гледам толку многу познати лица повторно заедно. Желба ми е оваа екипа што ја имам во моментов да остане во Партизан, бидејќи се уште имам луди соништа што можам да ги остварам. Верувам во нив, сакам и другите да веруваат и да останат во Партизан“, прокоментира Обрадовиќ.

Се вчитува...