Патики на Џордан продадени за 1.38 милиони долари

Сe што е поврзано со Мајкл Џордан се продава на аукции за неверојатни суми на пари. Така беше и со патиките кои според многумина најдобриот и секако најпопуларниот кошаркар во историјата ги носеше во петтиот натпревар од финалето на плејофот во сезоната 1997 година во која неговиот тим Чикаго играше против Јута. Патиките се продадени за 1,38 милиони долари.

Станува збор за натпреварoт познат како „флу-гејм“, односно меч во кој Џордан играше со грип и висока температура. Иако самиот Џордан подоцна во серијата „Последниот танц“ изјави дека не се работи за грип, туку за труење со храна, легендата остана и се уште е „флу-гејм“.

„Ер Џордан“ на тој меч имаше 38 поени, седум скока и пет асистенции. Патиките со потпис му ги подари на момчето Престон Труман, бидејќи пред натпреварот му аплаудираше во салата во Јута.

Труман ги чувал 15 години и ги продал на аукција во 2013 година за 105.000 долари. Нивната цена оттогаш се зголеми за неверојатни 1200 проценти и сега се продаваат за 1,38 милиони долари.

Сепак, тие не се најскапите патики кои се продадени на аукции. Рекордот, се разбира, е во сопственост на Џордан, за патиките што ги носеше на вториот натпревар од финалето во 1998 година. Нивната цена беше 2,238 милиони долари.

Се вчитува...