ОФИЦИЈАЛНО: Филип Талески е нов ракометар на ГРК Охрид

Филип Талески е нов ракометар на ГРК Охрид, откако македонскиот ракометар официјално потпиша договор со амбициозниот суперлигаш за сезоната 2026/2027, со опција за продолжување на уште една година.

Искусниот 30-годишен лев бек, висок 202 сантиметри, доаѓа како осмо големо засилување за охридскиот тим во овој преоден рок. Во таборот на „сино-белите“, поранешниот ракометар на Металург, Вардар и Бенфика ќе го носи дресот со број 28. Со овој трансфер, ГРК Охрид јасно ги потврдува своите високи амбиции за напад на домашните трофеи и одбрана на титулата во ЕХФ купот.

„Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена“, изјави Талески.

Се вчитува...