Патот до финалето на Алкалоид – на еден чекор до европски трофеј

ЕКИПА во Атина,

Стеван Цаневски

Ракометарите на Алкалоид денеска во 18 часот во Атина го играат првиот дуел од финалниот двомеч во ЕХФ Европскиот куп, во кој избраниците на Лазаров за противник ќе го имаат тимот на АЕК.

Успехот е огромен ако се знае дека Алкалоид стигна до овој резултат во нецели четири сезони на постоење на клубот, уште повеќе ако се знае дека овој клуб инсистира на инвестирање во македонски ракометари, давајќи им шанса да ги покажат своите квалитети и да напредуваат.

Европската сезона на Алкалоид е навистина импресивна, ако се знае дека „сино-белите“ имаат само еден пораз, на гостувањето во полуфиналето во Норвешка против Рунар.

Авантурата почна со двомечот со Клаипеда од Литванија, ривал што Алкалоид два пати го совлада, со убедливи 42-31 на домашен терен, потоа и со 31-37 во Литванија.

Следен ривал беше Вест Виен, двете средби беа одиграни во Скопје, а Алкалоид забележа две победи, првата со убедливи 38-27, втората со 32-29 откако пласманот во следната рунда веќе беше осигуран.

Противник во осминафиналето беше Бриксен од Италија, против кого Алкалоид стигна до нови две победи, од 38-31 на домашен терен и 32-44 на гостувањето на Апенинскиот полуостров.

Четвртфиналето донесе двомеч со романскиот претставник Баја Маре, првиот дуел со многу пресврти заврши нерешено со пеналот што го реализираа Романците во последната секунда. Сепак, реваншот мина во апсолутна доминација на Алкалоид, со победа од 32-25 и заслужен пласман во полуфиналето.

Таму избраниците на Лазаров ги чекаше пресметка со Рунар Сандефјорд, првиот меч Алкалоид славеше со 42-37, на вториот подобри беа Норвежаните со 34-29, а пласманот во финалето беше остварен преку пенал-рулет во кој блескаше младиот голман Иван Галевски.

Историјата е испишана со самиот пласман во финалето, но никој не планира да застане тука, желба на сите во Алкалоид е да биде мината и оваа последна пречка наречена АЕК, за следниот викенд во Скопје да биде кренат и европски трофеј.

Се вчитува...