Силекс и Шкендија вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје ги очекува финалето од Купот на Македонија во битката за 33-от трофеј во најмасовното домашно клупско натпреварување.
И за двете екипи ова ќе биде шести настап во решавачкиот натпревар за трофејот во Купот.
Силекс последен пат во финалето играше во 2022 година кога беше поразен од Македонија ЃП и тоа по подобро изведување на пенали, а само една година претходно го освои последниот трофеј по победата над Академија Пандев исто така по удари од белата точка.
Шкендија последен пат во финалето настапи во 2018 година кога триумфираше над Пелистер, а една сезона претходно, Тетовци беа поразени токму од Битолчани и тоа изведување на удари од 11 метри.

Првото финале во клупската историја, Силекс го одиграл во 1994 година. Кратовци тогаш беа поуспешни од Пелистер, а следната година во финалето беа поразени од Вардар. Вториот пехар во историјата Силекс го освои во 1997 година и тоа по триумфот од 4-1 во соочувањето со Слога Југомагнат.
Шкендија прв пат имаше шанса да триумфира во Купот пред 20 години. Во првиот настап во финалето Тетовци беа совладани со 3-2 во дуелот против Македонија ЃП. Во 2013 година следуваше ново учество во финалето, но тогаш славеше градскиот ривал Тетекс и тоа по подобро изведување на пенали.
Првиот од двата пехари тетовци го освоија во пред точно една деценија по победата над Работнички со 2-0.
Патот кон големото финале двете екипи го почнаа уште во првата елиминациска рунда.

Силекс на стартот како гостин го совлада Евротип со 7-1 додека Шкендија триумфираше над Јени Маале со 9-0.
Во осминафиналето Силекс во Куманово славеше над Башкими со 2-1, а Шкендија со 2-0 го елиминираше Тиквеш.
За влез во полуфиналето Силекс забележа победа од 3-0 над Детонит Плачковица додека Шкендија како гостин со 3-2 ја совлада Струга Триум Лум.
И во полуфиналето Силекс во првиот меч на гостувањето во Охрид играше 1-1, а во реваншот славеше со 1-0.
Шкендија Тетово на два пати беше поуспешна од Шкендија Арачиново. Во првиот меч на домашен терен победи со 3-2, а во второто соочување триумфираше со 2-0.

Во трите натпревари што се одиграа во текот на сезонава, Шкендија има две победи од кои првата во Тетово со 2-0, а потоа и на гостувањето во Кратово со 2-1. Во последното соочување Силекс повторно беше домаќин, а овој пат двата тима постигнаа по еден погодок.
Триесет и третото финале во Купот на Македонија ќе се игра на арената Тодор Проески со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
