Паулињо се враќа во Европа, Баерн го носи Бразилецот од Гвангжу

Неуморниот играч за врска на кинескиот Гвангжу и репрезентативец на Бразил, Паулињо, од лето би можел да се врати на стариот континент по две години поминати во кинеската Суперлига. Баерн Минхен е клубот со најголем интерес за Бразилецот. Анчелоти уште сега го подготвува тимот за следната сезона, што е и нормално за клуб кој атакува кон трофеи во сите натпреварувања.

Паулињо во 2015 година го напушти Тотенхем за кинескиот прволигаш Гвангжу за сума од 14 милиони евра, а таму заработува плата од 7 милиони евра по сезона. Ваква шанса не се добива често, Баерн е еден од најмоќните клубови во светот, а според француски медиуми, претставници од германскиот гигант веќе воспоставиле контакт со агентот на Паулињо.

Иако Баерн е финансиски моќен, сепак нема да му ја понуди истата заработка од Кина, но предизвикот да се игра за најдобриот тим во Германија е доволна причина за бразилскиот репрезентативец да се пресели во Минхен. Секако дека Баерн ќе мора да плати обештетување на Гвангжу, бидејќи неговиот договор трае до 2020 година.

Во 2013 година, Паулињо потпиша за Тотенхем за сума од 20 милиони фунти, но не ги задоволи критериумите на клубот. Во 67 настапи за лондонскиот тим, постигна 10 гола и седум асистенции, но од него се очекуваше многу повеќе, со оглед на тоа дека се очекуваше да го замени Лука Модриќ, кој се пресели во Реал Мадрид една година претходно.

Се вчитува...