Павлов: Не се откажувам, ќе дадам се за олимписка виза

Најдобриот македонски каратист Емил Павлов со нетрпение го очекува враќањето на спортските активности, за да може да продолжи со подготовките за квалификациите за ОИ во Токио. Токму на почетокот од месец мај Павлов во Париз требаше да се бори за исполнување на олимписка норма, но поради кризата со коронавирусот овој турнир беше одложен. Без оглед на се, Македонецот е оптимист дека ќе успее да го оствари големиот сон и да се најде во македонската олимписка експедиција.

„Во овој период требаше да бидам во Париз на квалификацискиот турнир за исполнување на олимписка норма. Уште од почетокот на ова година ја темпирав формата токму за овој натпревар и влегов во посакуваната форма. Го освоив златниот медал месец март во Салзбург каде што ги победив најдобрите. Тоа ми даваше за право да бидам убеден дека можам да дојдам до норма за Токио. Но, јас сум оптимист и никогаш не се откажувам без разлика на се. Ќе дадам се од себе наредната година македонското карате да има претставник на Олимпијадата, бидејќи тоа и го заслужува“, вели Павлов во интервју за Ipon.mk.

На најновата светска ранг-листа тој се искачи на петтото место во својата категорија, уште еден доказ за одличната форма во која се наоѓа македонскиот каратист.

„Со новата ажурирана ранкинг листа на 1 мај се најдов на 5-тото место, благодарение на последните успеси на Премиер лигите, пред се во Москва и Салцбург. Ова за мене значи една додатна мотивација за да продолжам да тренирам и во овие тешки моменти со моменталната ситуација и да верувам дека можам да дојдам до норма за Токио. Верувам дека можам да се најдам и да бидам број 1 во ова категорија, бидејќи до сега ги имам победувано најдобрите 10 во мојата категорија, но се надевам дека што поскоро ќе заврши оваа ситуација со коронавирусот и ќе продолжам да се натпреварувам и да се обидам да бидам најдобар во мојата категорија“, оптимист е Емил Павлов.

 

Се вчитува...