Павлов: Нема опуштање по медалот во Истанбул, продолжувам со напорна работа за остварување на сонот медал на ЛОИ во Токио

Еден од најдобрите македонски спортисти, каратистот Емил Павлов продолжи таму каде што заврши минатата година пред почетокот на пандемијата од коронавирусот. Тој на силната Премиер-лига освои бронзен медал и повторно се најде во елитата на светското карате. Павлов веднаш по борбата за ЕКИПА.МК вели дека е презадоволен од својот настап во Истанбул и дека продолжува со напорни тренинзи како би ја остварил најголемата цел, а тоа е учество и медал на ЛОИ во Токио.

„Презадоволен сум од настапот и прикажаното на Премиер-лигата во Истанбул. Продолжив таму каде што завршив пред пандемијата, повторно со одличен резултат на неверојатно силно натпреварување. Една година бев без натпреварување, но овој медал не е случаен. Откако почна пандемијата со коронавирусот јас во ниту еден момент не застанав со тренинзи. Ќе продолжам со напорни тренинзи и многу работа како би можел да ја остварам мојата најголема цел, а тоа е норма и медал од Летните олимписки игри во Токио. Околу денешната борба одработив максимално паметно и сконцентрирано. Добро го познавам казахстанскиот каратист и добро знаев што ме очекува во борбата. Со селекторот Сашко Арсовски одлично го анализиравме и на крајот дојде успехот“, вели Павлов.

Павлов сега го очекува Државното првенство на Македонија и плеј-офот кои се квалификациски турнири за Европското првенство, а потоа во мај месец во Париз се квалификациите за ЛОИ.

Се вчитува...