Павлов: Сон ми е да ја претставувам Македонија на ЛОИ во Токио

Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година, каратистот Емил Павлов направи огромен успех освојувајќи ја силната Премиер-лига. На патот кон златото, Павлов совлада и двајца светски шампиони, Италијанецот Анџело Крешенцо и Бразилецот Даглас Бросе.

„Многу сум горд и среќен за освојувањето на Премиер-лигата. Победив шест борби меѓу кои и двајца светски шампиони. Освојувањето на златниот медал ми дава надеж да се најдам на Летните олимписки игри, нешто што е исполнување на сонот на секој спортист. Се надевам дека со поголема поддршка од сите институции ќе успеам да дојдам до посакуваната олимписка норма. Благодарност до мојот тим, Карате федерацијата на Македонија, како и АМС и МОК“, изјави Павлов.

За издвојување е тоа што нашиот каратист до титулата стигна со повреда на прстот.  По дополнителните прегледи, Павлов за екипа.мк потврди дека за среќа не се работи за скршеница и дека без проблеми може да ги продолжи подготовките за следните турнири.

„По направената снимка по враќањето во Македонија, докторите констатираа дека за среќа не се работи за скршеница на прстот“, заврши Павлов. 

Следен предизвик за Штипјанецот е Премиер-лигата во Мадрид, која на програмата е на 29 ноември.

Се вчитува...