Педри: Во фудбалот има се повеќе „роботи“, но за мене фудбалот е забава и уживање

Педри има само 19 години и до оваа фаза во кариерата веќе мина низ многу предизвици, особено во првата професионална сезона во која одигра повеќе од 70 натпревари, вклучувајќи настапи за Барселона и Шпанија.

Преголемиот напор беше платен изминатава сезона во која Педри заработи неколку повреди и почувствува последици од пренапорната 2021-ва година, па во овој период за одмор работи напорно за максимална рехабилитација и враќање во најдобра форма за подготовките за новата натпреварувачка сезона.

Чави го посочи Педри како играчот врз кој треба да се темели проектот на Барселона, а во прилог на каталонците им оди и фудбалската филозофија и стилот на игра кој го негува фудбалерот роден во Канарија.

„Фудбалот станува роботизиран, но добро е што се уште постојат играчи кои ги кршат правилата и одат по својот пат. Јас играм за да се забавувам и да уживам, секогаш го правам тоа. Моделот на Барса ми беше познат уште пред да дојдам, знаев дека ова е најдобро место за развој. Тоа сега ми го објаснува и Чави, сметам дека би страдал во друг клуб што не ја негува филозофијата на Барселона“, заклучи Педри.

Фудбалери како Педри се почесто „изумираат“ во модерниот фудбал и работата се сведува на физичка сила и истрајност, тренд кој не му се допаѓа на младиот фудбалер на Барса кој одработи ексклузивно интервју за „Гардијан“.

Се вчитува...