Прволигашката кошарка продолжува денеска со два натпревари со кои ќе биде комплетирана богатата викенд програма во мак-баскетот. Од рундата 15 ќе остане да се одигра само дуелот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје кој беше одложен поради настапот на „сино-белите“ на престојниот „балон“ на АБА2 лигата.
Првиот натпревар ќе биде одигран во СЦ „Јане Сандански“ каде од 16 часот и 30 минути, МЗТ Скопје 2 го пречекува Пелистер. Битолчани на оваа средба ќе се обидат да влезат во нова победничка низа по триумфот во последниот натпревар над Вардар. „Зелено-белите“ славеа убедливо на првиот меѓусебен меч оваа сезона, но ќе има што да се запрашаат и избраниците на Боро Даскаловски кои на крилјата на победата над Црн Дрим, ќе се обидат да го одбранат домашниот терен.
Викенд програмата ќе биде комплетирана со средбата помеѓу Вардар и Кожув од 17 часот. Гостите на оваа средба влегуваат со фаворитска улога во однос на младиот „црвено-црн“ тим кој помина низ процес на самоизолација поради позитивни случаи на коронавирусот во своите редови. Првиот натпревар помеѓу овие тимови во првиот дел од сезоната приреди возбудување во „26-ти Април“ каде Кожув успеа да го одбрани домашниот терен во дополнителните пет минути, па неизвесно нека биде и денеска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА