Пелистер без маки против Акадмија ФМП

Лидерот на табелата, Пелистер влегува во нова победничка серија откако на домашен терен лесно се справи против Академија ФМП (100-72), забележувајќи го третиот триумф едно по друго. „Зелено-белите“ на денешниот меч успеаја да го исконтролираат скокот, со што го спречија најдоброто оружје на скопскиот состав, играта во транзиција и сосема заслужено стигнаа до 12 триумф во сезоната.

Избраниците на Илиевски текот на натпреварот го назначија уште на самото отварање на средбата кога преку високиот напаѓачки ритам и користејќи ги противничките грешки поведоа со 36-19 по 10. минути игра. Добриот ритам на домаќините продолжи и на почетокот на втората четвртина во која стигнаа и до предност од 20 поени разлика, меѓутоа добриот финиш на првото полувреме за Академија ФМП се погрижи да се ублажи негативата на полувремето (57-41).

„Пантерите“ го пренесоа добриот моментум и на почетокот на третата четвртина кога стигнаа и до негатива од само осум поени (61-52) преку серија на погодоци зад линијата 6,75, но битолскиот состав брзо ги консолидираше своите редови. Пелистер ја зацврсти одбраната, дозволи само шест поени во следните шест минути со што на крајот на третата четвртина ја врати големата предност (77-58). Последните десет минути беа само формалнсот во која избраниците на Илиевски повторно ја надминаа границата на сто постиганти поени.

Со дабл-дабл од 20 поени и 13 скока, Бојан Трајковски беше првото име кај „зелено-белите“. Него го следеше Игор Кесар со 17 поени, додека еден помалку забележа Џаз Вилијамс. Како двоцифрени средбата ја завршија и Никола Малашевиќ кој додаде 14 поени, и Бобан Стајиќ кој заврши со 11 поени и 4 асистенции. Бековското дуо Крстајиќ-Харис одново беше предводник на Академија ФМП, овој пат со 17 поени, односно 10 поени, на кои Американецот додаде и 6 асистенции.

Се вчитува...