Пелистер без проблеми во „Јасмин“ до нова „стотка“ во Првата лига

Пелистер ја оправда фаворитската улога и стигна до 13 победа во првенството откако славеше на гостувањето во „Јасмин“ против Еуро Никел со 75-102. Биточани текот на средбата го најавија уште од самото отварање кога стигнаа до двоцифрена предност уште по шест минути игра, а одличниот натпревар, „зелено-белите“ го крунисаа со 13 украдени топки, 29 асистенции и 38 поени од транзиција.

Гостите високото темпо го наметнаа од самото отварање на средбата во кое Пелистер доминираше на двата дела од паркетот. Добрата одбрана над бековската линија на Еуро Никел ги промора кошаркарите на домашниот состав на сведување на нападите на индивидуален квалитет, а промашените обиди избраниците на Илиевски умешно ги користеа на спротивната страна. Течниот напад носеше „мис-меч“ ситуации во противничкиот рекет каде високите играчи во „зелено-бело“ лесно го полнеа кошот на противникот па поведоа со +17 (35-18). „Сино-белите“ запретеа на отварањето на втората четвртина кога преку шутот за три поени ја намалија предноста, меѓутоа Пелистер брзо ги консолидираше своите редови. Во поголемиот дел до крајот на вторите десет минути акцентот беше ставен на одбраната, а благодарение на добриот моментум во последните две минути од првото полувреме, Пелистер поведе со 38-58.

Односот на паркетот не се промени ниту на отварањето на второто полувреме. Еуро Никел промашуваше зицери, додека Пелистер ги казнуваше домаќините преку брзата транзиција на спротивната страна на паркетот па од минута во минута, предноста на битолчани постојано се зголемуваше, а во 30. минута истата изнесуваше 58-84. Последната четвртина беше само формалност во која двата тима ги штедеа своите сили, а Пелистер повторно успеа да ја надмине границата на сто постигнати поени.

Предводник на домаќините со 13 поени и 13 скока беше Роберт Рикиќ, додека Данило Мијатовиќ додаде 12 поени и 4 скока. Кај Пелистер прво име со 26 поени и 9 скока беше Игор Кесар, додека Чаз Вилијамс додаде 23 поени и 10 асистенции. Како двоцифрени со 17, односно 14 поени, натпреварот го завршија Малешевиќ и Трајковски.

Се вчитува...