Пелистер е апсолутен фаворит против Куманово

Шестото коло од Првата лига беше отворено со вечното дерби кое се одигра во Аеродром, а МЗТ Скопје славеше со 87-66 над Работнички. Дуелот помеѓу нашите најтрофејни тимови ни наговести уште едно возбудливо коло кое продолжува денеска со натпреварот помеѓу Пелистер и Куманово од 18 часот и 30 минути.

Лидерот на табелата и воедно единствениот непоразен состав оваа сезона го пречекува „ранетиот“ Куманово со цел да остане перфектен и пред „балонот“ на АБА2. За разлика од „зелено-белите“, гостите се наоѓаат во серија и четири порази во низа па ќе биде интересно да видиме дали избраниците на Ѓорѓиевски можат да приредат изненадување и конечно да стават крај на црната низа. Куманово е во проблеми поради заминувањата на Каплановиќ и на Петар Николиќ, а тренерот Ѓоргиевски веќе извесно време не смета ниту на Американецот Луис.

Во сабота ни претстојат три натпревари. Првиот од нив ќе биде одигран во СРЦ „Кале“ каде од 14 часот ТФТ го пречекува новајлијата Ангели. „Црно-белите“ на овој дуел влегуваат со цел враќање на победите по поразот од Работнички, а дебитантот во „елитата“ ќе ја брка историската победа во натпреварувањето.

Од 17 часот и 30 минути во „26ти Април“ Кожув го пречекува Еуро Никел. „Црвено-белите“ во претходното коло стигнаа до првиот триумф во сезоната, а дали ќе успеат да ја искористат кризата во редовите на „сино-белите“ кои бележат четири порази во низа, и да влезат во победничка серија останува да видиме.

Богатиот саботен ден ќе биде комплетиран од 19 часот со натпреварот помеѓу Академија ФМП и МЗТ Скопје 2. „Штркчињата“ беа енигма за „академиците“ претходната сезона кога два пати славеа против тимот од Кисела Вода па избраниците на Петровиќ ќе имаат и дополнителен мотив за победа.

Шестото коло започна во „Јане Сандански“ и таму ќе биде комплетирано кога в недела од 12 часот силите ќе си ги одмерат Феникс 2010 и Гостивар. Гостите на овој дуел влегуваат како фаворити, но избраниците на Дервишевиќ чекаат на изненадување. „Виолетово-жолтите“ се уште немаат пораз на домашен терен па останува да видиме дали избраниците на Јончевски ќе успеат први да го совладаат Феникс во својот дом.

Се вчитува...