Пелистер им се врати на победите, броеше до 117 против Црн Друм

Пелистер лесно и убедливо славеше на домашен терен против Црн Дрим (117-68), прекинувајќи ја серијата од  два порази во елитното македонско кошаркарско друштво. Битолчани на овој меч настапија без помошта на капитенот Бојан Трајковски, но тоа не им пречеше да одиграат доминантно против еден од најслабите тимови во лигата, за својата 15. овосезонска победа.

Гостите од Струга парираа само во поголемиот дел од првата четвртина, за Пелистер пред крајот на овој период да се одлепи на „плус шест“ (25-19). Избраниците на Марјан Илиевски преку Малешевиќ веќе во 11. минута стигнаа до првото двоцифрено водство (29-19), по што предноста на домаќините константно се зголемуваше. Убедливата предност му овозможи на Илиевски да ги одмори Кесар и Малешевиќ, кои минуваат најмногу време на теренот сезонава, но и со комбиниран состав битолчани ја одржаа предноста до конечните „плус 49“.

Малешевиќ ги предводеше стрелци кај победничкиот тим со 24 поени, 19 поени постигна Кесар, додека Стајиќ го заврши мечот со 16 поени, 6 скокови и 6 асистенции. Кај Црн Дрим најефикасни на денешниот меч беа Вокер со 17 и Стаменковиќ со 15 поени.

Се вчитува...