Пелистер по пет одиграни кола останува перфектен откако славеше на гостувањето во Кавдарци против Еуро Никел со 85-90 во натпреварот на колото. Домашниот состав одлично го започна мечот и брзо стигна до двоцифрена предност која беше задржана и во поголемиот дел од првото полувреме, но гостите го превземаа моментумот во вториот дел од мечот во кој преку добрата одбрана ја осигураа победата.
Добриот проток на топката и сигурната реализација донесе лесни поени за Еуро Никел на самото отварање на натпреварот, избраниците на Самарџиев на спротивната страна го затворија рекетот па поведоа со двоцифрена предност (15-5). До крајот на првата четвртина Пелистер најде влез под обрачот на противникот, но не успеа и да ја намали двоцифрената негатива (23-13). До крајот на првото полувреме Пелистер се обидуваше да ја врати резултатска неизвесност, но за секој напад на битолчани домаќините имаа и свој одговор. Сепак последните 40 секунди им припадна на гостите кои преку тројките на Трајковски и Стајиќ, како и положувањето во транзиција на Караџовски успеаја да ја преполоват двоцифрената негатива (43-38).
Добриот моментум на Пелистер продолжи и во второто полувреме во кое битолчани експресно ја намалија предноста на домаќинот. Избраниците на Илиевски одиграа одлично во одбраната каде го запреа домаќинот на само три постигнати поени за речиси пет минути па ја превземаа предноста (46-48). Кавадарчани навремено ги консолидираа своите редови и заиграа на претпознатливото ниво, но и покрај тоа што ја вратија предноста, не успеаја и да ја задржат по 30. минути игра (63-67). Еуро Никел преку Соколов и Џекиќ повторно стигна од изедначување (71-71), но „сино-белите“ немаа сили за целосен пресврт. Пелистер успеваше да дојде до „мис-меч“ ситуации во нападот за лесна реализација, а на домаќините не им беа во полза ниту лошите судиски одлуки па Пелистер стигна до двоцифрена предност (74-84).
Еуро Никел не се предаде, напротив со агресивната одбрана успеа да го наруши ритамот на гостинот, а преку шутот за три поени да стигне до негатива од еден напад (85-86) на 44. секунди до крајот. Сепак клучот на средбата беше веќе во следниот напад кога Младеновиќ одлично креира предност и со влез во рекетот донесе позитива од три поени за својот тим. Домаќините не реализираа на спротивната страна, а Кесар ја потврди победата за „зелено-белите“.
Бранислав Џекиќ беше предводник на Еуро Никел со 18 поени и 5 скока, а него го следеше Џоран Калахан со 17 поени и 8 асистенции. Со по 15 поени натпреварот го завршија и Томиќ и Соколов на кои центарот додаде и 11 скока, а Македонецот 5. Никола Малешевиќ ги предовдеше битолчани со 18 поени и 8 скока, 16 поени и 8 асистенции додаде Бобан Стајиќ. Со 14 поени натпреварот го заврши Кесар, а 13 поени додаде Младеновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА