Пелистер му се „реваншираше“ на ТФТ со „стотка“

Пелистер успеа да му се реваншира на ТФТ за првиот пораз во сезоната, откако во заостанатиот натпревар од 14. коло, „зелено-белите“ славеа со 104-68 на домашен терен. Битолчани го диктираа темпото од самиот почеток па се до крајот, ги користеа грешките на новалијата, одиграа фантастично во одбраната и во ниеден момент не ја загрозија победата.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкото темпо на отварањето на средбата, а благодарение на подобрата одбрана, први иницијативата ја земаа битолчани. Пелистер ги користеше грешките на противникот во транзиција, ги искористи и пропустите во одбрана на ТФТ па по 10. минути поведоа со 22-15. Преку одличниот проток на топката, добрата одбрана и тимската игра, „зелено-белите“ продолжија да го диктираат темпото до крајот на полувремето. Кесар ја искористи предноста во висина во рекетот, битолчани погодија и за три поени во зонската одбрана на ТФТ па ја зголемија предноста на +12 (45-33).

Пелистер го пренесе одличното напаѓачко темпо и на почетокот на второто полувреме во кое преку шутот за три поени, „зелено-белите“ стигнаа до предност од дваесет разлика, која ТФТ не успеа да ја намали по 30. минути игра (71-50). Последната четвртина не донесе промени на паркетот, битолчани продолжија да го диктираат темпото, и благодарение на добрата одбарна стигнаа до 16 победа во сезоната со која се наоѓаат на чекор до осигурање на првата позиција во пресрет на плејофот.

Игор Кесар беше предводник на Пелистер со 27 поени и 6 скока, додека него го следеше Никола Малешевиќ со 22 поени, 5 скока и 4 украдени топки. Амир Смит и Хортон беа први имиња во ТФТ со по 14 поени на кои центарот додаде и 3 скока, додека бекот натпреварот го заврши со 7 скока.

Се вчитува...