Пелистер нови два бода ќе бара во „Јасмин“, ТФТ за враќање на победите против МЗТ 2

Прволигашката кошарка се враќа денеска во етерот со две средби од заостанатите натпревари од седмото и осмото коло во кои силите ќе си ги одмерат Еуро Никел и Пелистер, односно ТФТ и МЗТ Скопје 2.

Во фокусот денеска ќе биде натпреварот во „Јасмин“ каде кавадарчани ги пречекуваат битолчани од 18 часот, кој воедно ќе биде и првиот меѓусебен натпревар помеѓу овие екипи оваа сезона. Двата тима влегуваат на крилјата на победите во претходното коло во кое Еуро Никел го доби неизвесниот „сино-бел“ меч против Куманово, додека Пелистер без проблем се справи со Академија ФМП.

Исклучително интересна ќе биде борбата под обрачот каде Игор Кесар и Бојан Трајковски ќе се обидат да се справат со Роберт Рикиќ и Данило Мијатовиќ.

Од 18 часот започнува и натпреварот на „Кале“ каде избраниците на Смилковски ќе се обидат да ја оправдаат фаворитската улога против младите „штркови“. Елан на гостинскиот состав ќе му дава победата над Вардар во последниот натпревар, додека ТФТ ќе се обиде да им се врати на победите по поразот од Кожув на гостувањето во Кавадарци.

Се вчитува...