Пелистер оди во Втора лига, Шкендија Арачиново во ПМФЛ

Пелистер се враќа назад во Втората лига откако битолчани претрпеа пораз во денешниот бараж во кој во Кавадарци за противник го имаа  тимот на Шкендија Арачиново. „Зелено-белите“ се вратија од работ на амбисот со гол во 97. минута, но во пенал-рулетот немаа одговор за извонредниот Столевски, голманот кој ги одведе арачиновци наззад во македонската фудбалска елита.

Возбудувањата кулминираа во второто полувреме кога тимот од Арачиново прв поведе со погодокот на Назифи, кој одлично се снајде по еден контранапад и го матираше голманот на битолчани.

Пелистер тргна на се или ништо, битолчани целосно се отворија, добија и пенал, но Мирко Ивановски се посрамоти, најпрвин промашувајќи го ударот од белата точка, а потоа и одбиената топка упатувајќи ја над гредата. Се чинеше дека Пелистер е пред капитулација, но „зелено-белите“ не се предадоа до последниот момент, во судиското продолжение најпрвин ја погодија гредата, а потоа во 97. минута преку Петковски (на асистенција на Спировски) стигнаа до толку посакуваниот триумф што значеше и пенал-рулет во овој бараж.

Првото промашување го видовме во четвртата серија кога Столевски го запре обидот на фудбалерот на Пелистер, во петтата серија повторно блесна Толевски со одбранетиот пенал на Ристевски, но судијата Стојчевски по реакцијата од ВАР собата ја прекина прославата на арачиновци откако беше утврдено дека нивниот голман предвреме излетал од гол-линијата.

Ристевски го реализираше вториот обид и израмни на 4-4, по што капитенот Нухија ја презеде одговорноста, но асот на Шкендија не го реализираше пеналот за влез во Првата лига. Антонио Столевски блесна и во шестата серија со одбранет пенал, но арачиновци ја промашија и втората шанса, откако ударот по интервенцијата на Јовчевски заврши само во дирекот.

Петковски беше херој во регуларниот дел, но овој фудбалер не успеа во осмата серија да го матира Столевски, по што Дервиши беше прецизен и ја одведе Шкендија во Првата лига.

Се вчитува...