Пелистер во десеттиот меч го претрпе и осмиот пораз во Лигата на шампионите откако македонскиот првак вечерва загуби на гостувањето против Загреб со резултат 27-22. Битолчани имаат за што да жалат ако се знае дека одлично почнаа, имаа предност од четири гола, но потоа застанаа и му дозволија на противникот да го сврти резултатот во своја полза. Загреб немаше ниту еден освоен бод во пресрет на овој меч, но хрватскиот првак токму против „пелистерци“ се израдува на првата европска победа сезонава.
„Пелистерци“ подобро го отворија мечот, одбраната функционираше беспрекорно, прими само еден гол во првите пет минути, па македонскиот првак преку Тајник поведе со 1-3. Доминацијата продолжи, па по погодокот на Кузмановски за 1-5 домашниот тренер беше принуде веќе во 8. Минута да побара тајмаут. Не беа искористени два напада за „плус пет“, по што Загреб се разбуди и од пенал (по изнудено исклучување за Манасков) намалија на 3-5 преку Главаш.
Капитенот Кузмановски постигна важен гол со играч помалку, проектил од десет метри за 3-6, но Загреб возврати со нови два гола во низа и намали на 5-6. Кузмановски играше како вистински лидер, најпрвин изнуди исклучување од Гојун, а потоа самиот реализираше, својот четврти гол за водство од 5-7. Хрватскиот првак возврати и израмни на 7-7.
Пелистер ја загуби сигурноста во играта, а Загреб го искористи тоа за да поведе со 9-8 (прво водство на мечот) во 23. Минута, по што Гарабаја го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Младиот Хаџиќ презеде одговорност во нападот на „зелено-белите“ (два гола и два изнудени пенали), но на одмор се замина со негатива од 14-12, откако Пелистер имаше напад за израмнување, но ја загуби топката, а домаќините погодија од контранапад преку Чавар во последните секунди од полувремето.
Второто полувреме донесе уште поголеми проблеми, Пелистер се мачеше во нападот, а домашниот тим го искористи тоа за да поведе со 19-13. Следеа два гола на Пешевски и на Радивојевиќ, но за разлика од македонскиот првак, хрватскиот состав знаеше како да го исконтролира резултатот и да го задржи тешко стекнатото водство. Загреб имаше 22-16, Пелистер дојде само до „минус четири“, но не успеа да се врати во мечот и заслужено претрпе пораз изразен со конечните 27-22.
Кузмановски беше прв стрелец со седум гола, но без поддршка од соиграчите, ако се знае дека зад капитенот на листата на стрелци се најдоа Манасков (сите три од пенал) и Видомски со по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

