Домаќинот Пелистер остана со празни раце и во вториот натпревар на Меморијалниот ракометен турнир „Боро Чурлевски“ што се одржува во Битола. Пелистерци пред својата публика беа надиграни и поразени од францускиот второлигаш Шербур.
Избраниците на тренерот Томче Петрески во првото полувреме држеа чекор со противникот и на одмор заминаа со еден гол негатива (16-17). Но, во продолжението францускиот тим наметна темпо, ја зголеми предноста и на крај обезбеди сигурна победа.
Реваз Чантурија беше најефикасен кај Пелистер со шест погодоци, а Лековиќ и Поповиќ постигнаа по пет гола.
Со два порази, првиот од Олимпијакос и денешниот од Шербурн, Пелистер е последен во групата и ќе игра за 5.место.
Во вториот натпревар денеска, турскиот тим Селкаспор за кој настапува македонскиот интернационалец, Никола Костески, славеше убедлива победа против финскиот првак Кокс со 31-23.
Утре на програмата се последните натпревари по групи: Бутел – Селкаспор и Шербур – Олимпијакос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА