Пелистер поуспешен во дербито со Охрид

Пелистер ја продолжува победничката серија во домашната Супер лига. Во последниот натпревар од 9.коло, пелистерци го победија Охрид со 23-20 и се зацврстија на лидерската позиција на табелата. За тимот што го предводи Стевче Алушовски ова е седма победа во серија во суперлигашките натпревари.

Битолчани влегоа сигурно во натпреварот, а почетното водство од 3-0 беше само најава за конечниот исход од овој дуел. По првата четвртина од натпреварот, Пелистер имаше постигнато двојно повеќе голови и водство од 8-4. Охриѓани се обидоа да фатат чекор и да влезат во ритам, но максимум што успаја да направат беше да намалат на два гола негатива. Домаќите сепак на одмор заминаа со предност од 14-10.

Во второто полувреме Охрид го засили темпото. Неколкуте успешни интервенции на Благојце Трајковски внесоа дополнителна сигурност, охриѓани намалија на еден гол негатива (21-20) и се вратија во игра. Но, не успеаја да направат и комплетен пресврт. Пелистер беше поуспешен во финишот и успеа да ја одбрани предноста и да запише нова победа.

Најефикасни во победата на Пелистер беа Орјокамидзе со шест и Димитровски со пет гола. Во составот на Охрид нападот го предводеше Димитријески со осум погодоци.

Се вчитува...