Пелистер продолжува да реди победи, нов убедлив триумф над МЗТ 2

Пелистер стигна до единаесетата победа во сезоната откако на гостински терен во Аеродром во 15. коло успеа да го совлада младиот состав на МЗТ Скопје 2 со убедливи 81-95. Избраниците на Илиевски добро го отворија натпреварот, а стекнатата предност од првите десет минути не ја изгубија до крајот на средбата.

Битолчани фаворитската улога ја оправдаа од самото отварање на средбата кога преку добрата одбрана поведоа со 14-23 по 10 минути игра. Избраниците на Даскаловски ги консолидираат своите редови, одиграа далеку подобро во нападот, но сепак не успеаја да се спротивстават на високите играчи на Пелистер во одбраната, па по високиот ритам во втората четвртина (27-28) на полувремето резултатот гласеше 41-51. Одличното напаѓачки темпо за гостинскиот состав продолжи и во првиот дел од второто полувреме, во кој избраниците на Илиевски ги решија сите дилеми на денешниот меч, а по 30. минути игра на семафорот стоеше предност од 59-83 со што последната четвртина беше само формалност во која аеродромци успеаа да го ублажат поразот.

Роберт Монтгомери беше предводник на „штркчињата“ со дабл-дабл учинок од 27 поени и 12 скока. Него го следеше Андреј Андоновски со 14 поени и 7 скока, додека по 11 поени постигнаа Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски на кои дополнија и 5 асистенции, односно 7 скока. Со 25 поени и 5 скока прв стрелец на Пелистер беше Игор Кесар, додека него го следеше Бојан Трајковски со 20 поени и 13 скока, Никоа Малешевиќ додаде 19 поени, а еден скок го делеше од дабл-дабл учинок. Бобан Стајиќ натпреварот го заврши со 11 поени, 5 скока и 5 асистенции.

Се вчитува...