Пелистер се разбуди по кошмарот Ла Риоха, рутинска победа над Бутел

Ракометарите на Е. Пелистер лесно стигнаа до нови бодови на домашната сцена откако рутински славеа на денешното гостување против Бутел со убедливи 21-34. За разлика од демонстрираната немоќ на претходниот европски меч со Ла Риоха, овојпат избраниците на Червар одиграа сигурен меч, полни со самодоврба го контролираа резултатот и заслужено прокнижија нови бодови на суперлигашката табела.

Дуелот беше израмнет до 5-5, кога битолчани со мини-серија поведоа со 6-8, по што во ритам влезе Филип Кузмановски со неколку погодоци и водство од 7-12. Бутел до крајот на полувремето намали на 12-14, но „пелистерци“ одговорија со три гола во низа на стартот од второто полувреме со што повторно стигнаа до удобните „плус пет“.

Последниот обид на домашниот тим беше кога избраниците на тренерот Стоилов стигнаа до 14-18, по што следеше нова серија на битолчани за водство од 16-25, предноста се зголемуваше до самиот крај и конечните „плус 13“.

Филип Кузмановски одигра одличен меч постигнувајќи осум погодоци, Атанасијевиќ беше стрелец на шест, додека пет гола постигна Пешевски, а голманот Митревски имаше 11 успешни интервенции.

На спротивната страна, први стрелци на Бутел во денешниот пораз беа Михајловиќ со пет и Јаневски со четири погодоци.

Се вчитува...