Пелистер стартуваше со подготовките за новата сезона во подновен состав

Ракометарите на Пелистер под водство на тренерот Томе Петрески, ги почнаа подготовките пред стартот на новата сезона. Битолскиот суперлигаш стартува со значително изменет состав во однос на лани кога заврши на петтото место во Супер лигата. Во составот на Пелистер дојдоа дури девет нови ракометари. Новаци во составот се бековите Владимир Зејак, Марко Кобетич, Вук Перовиќ и Борјан Маџовски, на крилните позиции пристигнаа Никола Стоилевски, Милан Поповиќ и Огњен Лековиќ, како и пикерот Мошен Карамиан и голманот Харис Плех. Од стариот состав летово си заминаа Везенковски, Јованоски, Орјоканидзе и Чуриќ.

Пелистерци ќе се подготвуваат во Битола, а во склоп на подготовките предвидени се и неколку контролни натпревари. На 18 и 22 август во Битола ќе гостуваат Пеќ од Косово и Радовиш, а на 25 август, Пелистер ќе одигра еден пријателски натпревар во Грција.

Од 30 август до 2 септември Пелистер ќе биде домаќин на Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ на кој покрај домаќинот ќе настапат и Олимпијакос, Шербург, Кокс, Селкаспор и Бутел.

Новата сезона во Супер лигата, Пелистер ја почнува на 15/16 септември со градското дерби против Еурофарм Работник.

Се вчитува...