Екипата на Пелистер по неколкуте сезони минати во Лигата на шампионите се враќа во ЕХФ Лигата на Европа, натпреварување во кое битолчани влегуваат со сериозни амбиции да стигнат што подалеку.
ЕХФ на првото рангирање ги стави „зелено-белите“ како втори фаворити за влез на фајналфор, но мора да се истакне дека конкуренцијата дополнително ќе се зголеми во наредните фази кога ќе се приклучат дел од тимовите што ќе испаднат од групите од ЛШ. Во секој случај, тоа не го менува фактот дека Пелистер ќе влегува во секој натпревар со желба за победа, почнувајќи од вечерашниот дуел со шпанскиот претставник Ла Риоха.
„Многу го ценам шпанскиот ракомет, Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција и ќе биде тежок натпревар. Нè чека напорна работа, играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила“, изјави Лино Червар, прославениот стратег кој вечерва ќе го има своето европско деби на клупата на Пелистер.
Јасно е дека очекувањата пред се на домашните натпревари се да се стигне до што повеќе победи, но Червар е свесен дека тие цели полесно ќе се остварат со полни трибини и 60-минутна поддршка од публиката.
„Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб, ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Навивачите се нашата сила, наш играч повеќе“, порачува Лино.
Натпреварот меѓу Пелистер и Ла Риоха се игра со почеток во 20.45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
