Пелистер воден од легендите на клубот ќе го враќа својот фудбалски сјај

Легендата на клубот, Ванчо Мицевски ќе биде новиот спортски директор на ФК Пелистер во обидот да се избегне прволигашкото испаѓање сезонава и враќањето на стариот фудбалски сјај.

Како што е познато, Град Битола со стартот на година го презеде владеењето со клубот со тоа што се расчистени сите финансиски обврски, а на чело на спортските структури се вратени легендите на клубот. Покрај Ванчо Мицевски, тука ќе бидат и Митко Стојковски, Тони Мицевски, Сашо Здравевски, Спасе Ристевски и Златко Цветановски.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски информираше дека легендите се враќаат во обидот за решавање на сите спортски проблеми со кои соочува клубот.

„Со легендите на битолскиот фудбал изминатиот период имавме координативни средби и состаноци на кои разговаравме за иднината на клубот, при што посебно ми е драго што ја прифатија подадената рака од Општина Битола, да дадат поддршка и да бидат дел од процесот на спортско издигнување на клубот. Очекувам дека ќе постигнеме стабилизирање на клубот, а како поддршка во таа насока очекувам коректен однос од претходните сопственици, со цел навремено и соодветно делување во интерес на застанување на клубот на „здрави нозе” и негово комплетно опоравување“ – вели Коњановски.

„Пелистерци“, пак, во меѓувреме ги реализираат подготовките за пролетниот дел. Горан Ганчев, главно подготовките ги почна со безмалку истиот играчки кадар од есенскиот дел.

Се вчитува...