„Пелистерци“ доведоа Португалец како замена за Периќ

Португалскиот интернационалец Вилсон Дејвис е четвртото засилување на Еурофарм Пелистер за наредната натпреварувачка сезона откако битолчани целосно го договорија трансферот на овој 33-годишен ракометар. Дејвис ќе има одговорна задача да го наследи Јосип Периќ на позицијата среден бек во таборот на „пелистерци“, откако најдобриот ракометар на Еурофарм Пелистер реши од летово кариерата да ја продолжи во унгарскиот прволигаш Татабања.

Вилсон Дејвис е ракометар со огромно искуство во францускиот ракометен шампионат, каде што настапува од 2014 година. Тој во Битола доаѓа од Иври, а претходно ги носеше дресовите на Нант, Сесон Рен и Данкерк. На почетокот на кариерата Дејвис настапуваше за Спортинг, Ковадонга и Порто. Новиот среден бек на Еурофарм Пелистер има своено бројни трофеи, шест пати бил првак на Португалија, освојувач на Суперкупот на Португалија со Порто, а го освои и Лига Купот на Франција со Нант.

За португалската репрезентација настапуваше цела една деценија, почнувајќи од 2009 година. Дејвис е висок 192 сантиметри, тежок 95 килограми и ќе биде вториот Португалец во историјата на Еурофарм Пелистер, по Серхио Барош.

Се вчитува...