Пелистерци едногласни – Време е куп трофејот да се врати во Битола

Пелистер ќе се сретне со Бутел во полуфиналето од завршницата на ракометниот Куп на Македонија. Капитенот Градимир Чаневски и еден од најдобрите ракометари Стипе Мандалиниќ се едногласни дека е време куп трофејот да се врати во Битола. Чаневски смета дека со максимална игра може да стигнат до триумф на куп завршницата.

„Имаме време да се подготвиме и ќе треба да ги одработиме двата натпревари доста сериозно. Благи фаворити сме против Бутел, но се стремиме кон финалето, да одиграме максимално и да го донесеме пехарот во Битола. Се надеваме дека ги научивме поуките од поразот од Вардар 1961 во шампионатот. Тоа треба да го покажеме на терен. Кога сте комплетни е многу поразлично и ротацијата е подобра. Сите ќе го дадат максимумот за титулата да дојде во нашите витрини“, изјави Чаневски. 

Искусниот хрватски бек вели, дека е среќен што сите проблеми со ковид-19 се минати и тие се максимално подготвени за предизвикот кој ги очекува.

„Сите екипи во Купот имаат свои шанси. Првиот натпревар е Бутел и се подготвуваме за тој натпревар, па потоа ќе видиме што ќе биде. Секако дека гледаме шанса во Купот, квалитетна екипа сме, добро работиме и се подготвуваме и ќе видиме што ќе донесе „фајнал-фор“ турнирот. Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, нè стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се подготвиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, вели Мандалиниќ.

Во второто полуфинале ќе играат скопските ривали Вардар и Металург. Полуфиналните двојки се закажани за во петок, додека финалниот меч ќе се игра во недела.

Се вчитува...