„Пелистерци“ се на фајналфор, не видоа мака со Тиквеш

Еурофарм Пелистер е вториот тим, по Пролет, што обезбеди пласман на завршниот турнир од ракометниот Куп на Македонија, откако битолчани триумфираа во финалето на својата група над Тиквеш со резултат 36-30. Кавадарчани само неколку часа претходно го одиграа својот полуфинален меч, па немаа сили за посериозно да му се спротивстават на големиот фаворит во битката за билет за Ф4.

Мечот беше израмнет само до 9-9, а потоа како одминуваше времето до крајот на првото полувреме, така и предноста на актуелниот вицешампион на Македонија се зголемуваше. Еурофарм Пелистер имаше предност од 20-16 што дополнително ја зголеми како што одминуваше второто полувреме, па битолчани во еден момент имаа и „плус осум“ (28-20). Победникот веќе беше решен, што придонесе да дојде до опуштање во таборот на фаворитот, а ракометарите на Тиквеш одиграа максимално до крајот и ја спуштија негативата до конечните 36-30.

Ојлевски ги предводеше стрелците на победничкиот тим со осум гола, по пет постигнаа Кисум и Хосни, додека најефикасни во редовите на Тиквеш беа Симиќ со шест и Петровиќ со пет погодоци.

Се вчитува...