Македонскиот репрезентативец Јован Манев и неговата Аданаспор не успеаја да се изборат за групната фаза во Конференциската лига на УЕФА откако дури по пеналите загубија од белгиски Генк.
Во регуларниот дел од мечот на реваншот Аданаспор славеше со 1-0, на тој начин анулирајќи ја предноста од еден гол на Белгијците по првиот меч. Но, откако во продолженијата немаше промени, на крај по пеналите Генк славеше со 5-4 и обезбеди групи во Конференциската лига.
Манев ги одигра последните 10 минути од регуларниот дел на натпреварот, и продолженијата. Не беше меѓу шутерите на пеналите за својот тим.
Како најголеми фаворити да го освојат натпреварувањето во Конференциската лига во сезоната 2023/24 фигурираат Фиорентина, Бешикташ, Фенербахче, ПАОК, Бриж, Ајнтрахт Франкфурт, Астон Вила, Лил…, кои денеска си обезбедија пласман во групната фаза.
Бојан Миовски, пак, повторно беше стрелец за Абердин во плејофот од квалификациите за Лигата на Европа. Но, на реванш дуелот во Шкотска, неговиот тим загуби со 1-3 од шведски Хакен не успевајќи да се избори за групите од Лигата на Европа.
Миовски погоди од пенал во 55. минута постигнувајќи го единствениот гол за Абердин на мечот.
Во 63. минута македонскиот напаѓач имаше 100% шанса и за 2-2 на натпреварот, но иако осамен „очи во очи“ со гостинскиот голман не успеа да погоди од 15 метри. До крајот гостите постигнаа гол од пенал за победа од 1-3.
Па, Абердин сезонава во Европа ќе игра во Конференциската лига на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА