Пеналите повторно му го донесоа Куп трофејот на Македонија ЃП! (ВИДЕО)

Македонија ЃП го одбрани Куп трофејот, откако во финалето по изведувањето на пенали го совлада тимот на Струга ТЛ, и не му дозволи да се радува на двојна круна. Ѓорчепетровци идентично како и минатата сезона, успеа да дојде до трофејот, трет во својата историја. Практично „лавовите“ го одбранија тронот во Купот и ќе играат во Лигата на Конференции.

Македонија ЃП ги искористи очајно изведените удари на белата точка од страна на Струга ТЛ кои не погодија дури по изведување на четири удари, додека „лавовите“ реализираа два и на крајот славеа голема победа. Пвоторно херој беше Стевковски кој одбрани еден удар, два шута завршија во пречката, а еден над голот.

Во тврд натпревар со многу борба на средината на теренот, со многу дуели и стартови, но во границите на дозволеното, одлични услови за игра и одлично судење, натпреварот заврши без победник во регуларниот дел, онака како и што се очекуваше и пред натпреварот.

Мишевски донесе предност за Македонија ЃП по првиот дел во 29. минута со гол од пенал, откако со рака играше Кочоски. Иако немаше многу доминација, сепак, на крајот избраниците на Горан Симов дојдоа до водство, а добро играа во одбрана за да не дозволат Струга ТЛ да се закани.

Струга ТЛ се обиде со неколку измени на стартот од вториот дел да дојде до израмнување. Не одеше никако, а им успеа дури во 79. минута кога Фатјон Јусуфи, со помош на Стоилов погоди во мрежата на Стевковски после долга акција која од десната страна се префли на левата, па потоа одбрана на голманот на Македонија ЃП, но и обидот на Јусуфи да врати на петерецот заврши со гол. Пред голот Бесарт Ибраими имаше добра шанса, но не успеа да го најде патот до мрежата.

До крајот на регуларниот дел немаше возбудувања, па така се играа продолженија. Таму само неколку полушанси, меѓутоа без сериозни закани кон головите на Стевковски и на Ќосевски, со што се изведуваа пенали.

Таири во првата серија промаши за Струга ТЛ испраќајќи ја топката високо над голот. Мишевски му „врати“ со промашување, односно Ќосевски го одбрани неговиот шут и никој немаше предност по првата серија. Радески ја отвори втората серија со удар во пречката, а Личина го постигна првиот гол во пенал серијата и го донесе својот тим во водство. Незири во третата серија исто како и Радески ја погоди пречката, но Ќосевски го остави во игра својот тим со одбрана на пеналот на Алексовски.

Четвртата серија Шабани шутираше, но одбрани Стевковски, а Скендери погоди во голот за голема радост на „лавовите“ и освоен Куп трофеј.

Се вчитува...