Пенов: Охрид е сериозен проект, ќе бидеме конкурентни во сите натпреварувања

Охрид создава конкурентен тим за наредната сезона, донесени се неколку квалитетни засилувања, а најискусен меѓу новите кошаркари е Игор Пенов. Поранешниот член на МЗТ Скопје и екс-капитен на Карпош Соколи доаѓа во таборот на охриѓани од Куманово и сигурно ќе му биде од голема помош на тренерот Марјан Илиевски.

„Зборував со тренерот Илиевски, тој ми го претстави проектот и своите замисли за клубот, се ми се допадна и прифатив да му се приклучам. Убеден сум дека го донесов вистинскиот избор, можам да ветам дека како и секогаш, ќе давам се од себе на секој натпревар“– истакнува Пенов.

Амбициите на клубот кој минатата сезона настапуваше во плејаут-лигата значително се креваат со доаѓањето на новите кошаркари и на тренерот Илиевски.

„Мислам дека оваа сезона нашиот тим ќе биде конкурентен во сите натпреварувања, но сепак треба да почекаме и да видиме како ќе се засилат другите екипи. Би сакал да влеземе во Супер лига, а потоа да имаме можност да се бориме за првите четири позиции. Едно е сигурно, на почетокот нема да биде лесно, ќе ни треба време за воигрување бидејќи сме голем број на нови кошаркари во Охрид, но напорно ќе работиме за што поскоро да го минеме тој период на адаптација“ – порачува Игор Пенов.

Се вчитува...