Пенов: Сега да се надеваме и на победа на гости

Домашниот терен на Карпош соколи е сè уште неосвоив. Ниту МЗТ Скопје не успеа да ги порази соседските ривали во „Борис Трајковски“. Избраниците на Драган Николиќ имаат за што да се радуваат – одбраната во последните неколку минути беше на високо ниво и клучна за конечниот исход.

„МЗТ Скопје се бореше до самиот крај, но ние бевме посконцентрирани и сметам дека заслужено победивме. Бевме изморени бидејќи имавме згуснат распоред, но успеавме да го дадеме максимумот. Сега ни следат натпревари и од балканската лига, а се надевам дека понатаму ќе го скршиме ледот и ќе запишеме победа и на гости. Видовме денеска до каде сме, ни следи уште работа, но задоволен сум од победата“ – истакна капитенот на Карпош соколи, Игор Пенов.

Николиќ не е задоволен од нападот на своите избраници, но имаше само пофални зборови за одбраната.

„Двете екипи играа офанзивно под своите очекувања, а дефанзивно се покажа енергија и на двете страни. Двете екипи успеаја да го направат тоа што го зацртаа во најавата. Јас најавив тесна игра и така беше до самиот крај. Можам да кажам дека за нијанса победи посреќниот тим. Видовме како играме споредено со МЗТ СКопје, ако добро пресметав нè чекаат уште отприлика осум натпревари со нив во сите натпреварувања па и понатаму ќе зборуваме за нив. Оваа победа сакам да му ја посветам на мојот покоен татко кому денес му е роденден и именден“ – заврши Николиќ.

Се вчитува...