Пепи Манасков: Очекувам младите да дојдат до израз на ова СП

Пепи Манасков верува во квалитетот на младите македонски ракометари и смета дека тие треба да добијат шанса и доверба на претстојното Светско првенство во Франција. Легендата на македонскиот ракомет беше вклучен во поширокиот стручен штаб на репрезентацијата во подготовките пред СП, иако, како што вели „не знам точно ни во која улога, ни со каква цел“.

„Да, бев повикан на подготовките на репрезентацијата, но не е тоа некоја конкретно дефинирана работа со репрезентацијата, така што и немам некој голем придонес во овие подготовки“ – вели Пепи Манасков.

Од своето богато репрезентативно искуство, и од тренерското искуство во работата со помладите категории, тој смета дека ова Светско превенство, ќе биде шанса да дојде до израз квалитетот на „подмладокот“ во репрезентацијата. Токму свежината и квалитетот на Филип Талески, Марко Нелоски и другите млади ракометари во составот, може да биде значаен фактор во играта на македонската репрезентација на пат до целта, да се обезбеди пласман во втората рунда на СП.

„Ова ќе биде тест за младите играчи да покажат колку вредат и дека го заслужуваат местото во репрезентацијата. За Македонија ќе биде успех ако се пласира во втората фаза. Ќе има многу неизвесни натпревари во оваа група. Иако се фокусираме на првите два меча со Тунис и со Ангола, ништо не е однапред сигурно. Може да се случи токму тие да ја изненадат Словенија или Исланд и да се искомпликуваат работите. Групата ќе биде многу неизвесна, тоа е сигурно. Но, мислам дека имаме шанси, без разлика што репрезентацијата е подмладена, има квалитет во овие играчи. Очекувам младите да дојдат до израз на ова СП. Имаат квалитет и треба да им се даде полна доверба“ – истакнува Манасков.

Македонија го отвора превенството со дуелот против Тунис на 12 јануари. Со Тунис “изгоревме“ во априлските олимписки квалификации, а и сега многу работи ќе зависат токму од овој дуел. На тоа предупредува и некогашниот македонски репрезентативец.

„За нас е многу важно како ќе стартуваме и како ќе го одиграме првиот меч со Тунис. Мислам дека тоа ќе биде многу тежок меч за нас. Колку и да се надеваме на победа во овој дуел, не смее да се занемари фактот дека Тунис е квалитетна репрезентација која знае да одигра. Ни го потврдија тоа во олимписките квалификации“ – вели Пепи Манасков.

Што се однесува до фаворитите за медал на претстојното СП во Франција, според Манасков, кругот го затвораат водечките европски селекции, на чело со домаќинот Франција како главен фаворит за одбрана на титулата.

„Кругот на фаворитите е тој. Нормално, Франција стандардно е број еден, сега уште и како домаќин на шампионатот. Германија на ЕП во Полска покажа извонреден квалитет и мислам дека и сега ќе конкурира за медал. Потоа, Шпанија, Данска и Хрватска. Од другите неевропски селекции, мислам дека по квалитет ниедна не е во овој ранг и не очекувам некој да изненади. Што се однесува до македонската репрезентација, мислам дека сме тука некаде од 11 до 13 место“ – прогнозира македонскиот ракометар на векот.

Се вчитува...