Перишиќ избра – оди во Челси

Иван Перишиќ веќе ја донел одлуката за продолжување на кариерата надвор од Италија, откако хрватскиот ас ја прифатил понудата на Челси за преселба како слободен играч на „Стемфорд бриџ“.

Хрватот по куп-финалето над Јувентус во кое постигна два гола отворено им порача на челниците на Интер дека „со најдобрите играчи не треба да се чека до последен момент за продолжување на договорот“. Јасно е дека тој е незадоволен од односот на управата кон него, па Перишиќ по одбивањето на последната понуда на „нероаѕурите“ експресно ги прифатил условите што му биле понудени од Челси.

Трансферот не е официјализиран поради административните проблеми и блокади со кои се соочи лондонскиот клуб во изминатите месеци, но ситуацијата воопшто не е променета по доаѓањето на новиот газда, кој најави дека ќе ги исполни желбите на Тухел во пресрет на новиот преоден рок. Германскиот стратег инсистира на Перишиќ како идеално решение за офанзивен бек, а доаѓањето на Хрватот ќе значи и давање зелено светло за преселба на Алонсо во Барселона.

Иван Перишиќ имаше на маса понуда од Њукасл, која финансиски е повисока од онаа на Челси, но желба на хрватскиот репрезентативец е да се бори за највисок пласман и трофеи, поради што летово ќе се пресели на „Стемфорд бриџ“ наместо на „Сент Џејмс Парк“.

Се вчитува...