Перо Антиќ на крстопат: Туѓина, Работнички или можеби МКФ?!

Минаа повеќе од шест месеци од последниот пат кога Перо Антиќ го облече дресот на Црвена звезда и ја прослави титулата во српскиот шампионат, како утеха за загубената круна во АБА-лигата. Крајот на позајмицата во таборот на „црвено-белите“ воедно значеше и истек на неговиот договор со Фенербахче, Антиќ беше слободен да ја избира својата следна дестинација, потенцираше дека приоритет ќе му биде близината до татковината и семејството… но помина (пре)долго време, а најдобриот македонски кошаркар на сите времиња се уште го нема повлечено својот нареден чекор.

Опции има неколку, а прва дефинитивно е трансфер во странство. Антиќ за свој адут го има Мишко Ражњатовиќ, најдобриот европски кошаркарски агент кој веќе е во потрага по нов ангажман за поранешниот ас на Фенербахче, Олимпијакос, но и на Атланта хоукс. Тактиката да се почека неколку месеци за да се најде клуб што ќе бара искусен играч во рекетот засега не вроди со плод, но Антиќ има и квалитет и реноме, а Ражњатовиќ адути во ракавот за да направи ваков „дил“ за вториот дел од сезоната.

Доколку тоа сепак не се случи, огромни се шансите Антиќ да ја заврши сезоната во македонскиот шампионат, во обид да стигне и до домашна титула пред да ја заврши кариерата. Во Работнички потајно се надеваат дека ќе успеат да го убедат Антиќ да дојде во „Градски парк“, но клучно сепак ќе биде колку пари ќе има актуелниот првак, нешто што ќе биде познато наскоро – со новиот предвиден буџет на Општина Центар. План Б е Гостивар, тимот во кој Антиќ е претседател и со кој веќе ги мина подготовките во текот на летото, клуб кој со евентуален трансфер на големиот ас дефинитивно би се вмешал во трката за највисок пласман.

Трета опција во случајов е Перо Антиќ и дефинитивно да реши дека е дојдено време да каже збогум на активното играње. Тоа нема да значи и откажување од кошаркарска иднина на големиот ас, кој во изминатиот период се посериозно се споменува како една од опциите за наследник на Петар Наумоски, во тандем со Тодор Гечевски. Антиќ во изминатите години во бројни наврати жестоко го критикуваше работењето на актуелниот претседател на МКФ, па сега би добил шанса и самиот да стане дел од раководството на куќата на кошарката, доколку успее да го обезбеди неопходното мнозинство на Собранието што најверојатно ќе се одржи околу крајот на оваа натпреварувачка сезона.

Се вчитува...