Перо Блажевски ќе прави ремонт во Кожув

На почетокот на новата година веднаш започнаа промени во кошаркарските колективи во Македонија па така Кожув доби нов предводник во Перо Блажевски. Легендата на македонската кошарка сезоната ја започна во МЗТ Скопје 2, но поради лошите резултати беше заменет, исто како и доскорешниот предводник на „црвено-белите“, Павле Николов.

Кожув лошо ја започна сезоната и првата победа ја забележа во петтото коло по што следеше добар период и четири победи во низа, но убедливите порази од Работнички, Гостивар и ТФТ кои дојдоа во месец декември беа пресудни за младиот стратег да не ја добие довербата од новото раководство на клубот.

Со доаѓањето на Блажевски во Гевгелија започнуваат и нови промени во играчкиот кадар. Од тимот заминуваат дел од странците, а се очекува и заминување на дел од домашните играчи со скапи договори како одговор на намалувањето на буџетот.

Официјално, хрватскиот интернационалец Влатко Граниќ повеќе не е кошаркар на „црвено-белите“, а нов странец во тимот е Тавон Бродвеј, доскорешниот играч на ТФТ кој блескавеше во претсезоната, но не успеа да го покаже сиот свој потенцијал во постојано десеткуваниот тим од Тафталиџе.

Дали стапките на Граниќ ќе ги заследат и Еди Синадиновиќ и Џошуа Нурс останува да видиме. Српскиот и американскиот интернационалец не успеаја да се наметнат во тимот како лидери и да направат промена која се очекува од нив, а се чини дека единствениот странец кој е сигурен е Чаз Вилијамс кој заедно со Кирил Николовски е најзаслужниот за петте победи во сезоната.

Се вчитува...