Пешевски: Ние и фановите за гордо претставување на Битола и Македонија во Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер максимално се подготвуваат за стартот на Лигата на шампионите и пресметката со норвешкиот шампион Колштад во среда од 18:45 часот во реновираната сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Еурофарм Пелистер, по 18 години, повторно ја врати Лигата на шампионите во Битола, па токму затоа со огромна возбуда и во тимот и меѓу најверните навивачи се очекува дуелот со Норвежаните. Емотивниот набој е силен, поради што капитенот Жарко Пешевски посакува малку смирување на страстите и со трпение да се атакува на победа против Колштад.

„Емоцијата може да биде проблем, но може да ти даде и некоја посебна сила за да бидеш подобар и посмирен од противникот, да му зададеш удар и да се радуваш на крајот. Играме против супер екипа како Колштад. Норвежаните негуваат агресивен и динамичен ракомет. Гостуваат во Битола и ние ќе направиме сè да им ја отежнеме работата“ – вели капитенот Жарко Пешевски.

„Се работи за тим составен од повеќе норвешки репрезентативци, на чело со Сагосен. Тој, Род и двајцата голмани се лидери во тимот. Имаат искалена агресивна одбрана, за која со видео анализи треба добро да се спремиме да ги пробиеме. Ако сè оди по планот, имаме шанси да се надигруваме и на крајот да се радуваме. Мислам дека ова наше место ни е заслужено како шампиони на Македонија по осумнаесет години. Ние и фановите треба заедно добро да се поставиме и ќе бидеме светла точка која гордо ќе ја претстави Битола“ – дополнува Пешевски.

Се вчитува...