Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, на 24 и 25 август во Скопје се одржа тренерската клиника, која на едно место обедини реномирани кошаркарски стручњаци, тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошарката.
Во текот на двата дена присутните имаа можност да проследат исклучително квалитетна и разновидна програма, посветена на современите трендови во кошарката, развојот на младите играчи, односот тренер–родител–спортист, како и на најновите промени во кошаркарските правила.
Посебна чест за македонската кошарка беше присуството на еден од најголемите европски тренерски авторитети, Светислав Пешиќ, кој своето огромно знаење и искуство го пренесе преку темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициона одбрана“.

Селекторот на македонската сениорска репрезентација, Хосе Мариа Берокал, ја обработи темата „Офанзивна транзиција“, додека Саша Грујиќ преку две предавања се осврна на развојот на офанзивната тимска игра и индивидуалните офанзивни вештини во младинската кошарка, со посебен акцент на возраста од 10 до 18 години.
Значаен сегмент од програмата беше посветен и на правилниот развој и самодовербата кај младите спортисти преку односот тренер–родител–спортист, а Судиската комисија при КФМ ги презентираше промените на официјалните кошаркарски правила кои стапуваат во сила од 1 октомври 2026 година.

Квалитетот на клиниката беше неспорен, а најдобра потврда за тоа беше интересот и присуството на досега најголем број тренери од македонските клубови на еден ваков настан, како и на бројни други кошаркарски работници и љубители на играта.
Особено радува фактот што во текот на двата дена салата „Лазар Лечиќ“ беше место на размена на знаење, искуства и идеи, но и место каде уште еднаш се почувствува силната поврзаност на македонската кошаркарска заедница.
Кошаркарската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до сите предавачи кои несебично го споделија своето знаење и искуство, како и до сите тренери, кошаркарски работници и посетители кои со своето присуство придонесоа оваа тренерска клиника да добие вистинско значење и вредност.
Големата посетеност, вниманието со кое беа проследени предавањата и интересот за сите обработени теми се уште една потврда дека во Македонија постои силна желба за постојано учење, усовршување и следење на современите кошаркарски тенденции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
