По пропаднатите преговори со Андреа Пирло, Италијанската фудбалска федерација повторно е во потрага по нов селектор, а според информациите на новинарот Николо Скира, во игра се дури пет звучни имиња.
Техничкиот директор Паоло Малдини, заедно со својот советник Леонардо, ги фаворизира помладите тренери Рафаеле Паладино и Тијаго Мота, додека како поискусна опција го предлагаат Стефано Пиоли, кој зад себе има богато искуство во Серија А.
Од друга страна, претседателот на Федерацијата, Џовани Малаго, има поинаква визија. Негов избор се двајца поранешни селектори – Роберто Манчини, кој ја одведе Италија до титулата европски првак на ЕП 2020, и Антонио Конте, освојувач на шампионски титули во Серија А со Јувентус, Интер и Наполи.
Интересно е што сите петмина кандидати во моментов се без ангажман, што дополнително ја олеснува евентуалната одлука на Федерацијата.
Сепак, изборот на нов селектор може да предизвика сериозни потреси во италијанскиот фудбал. Според Скира, доколку раководството ги игнорира предлозите на Малдини и Леонардо и се одлучи за кандидатот на Малаго, двајцата би можеле да поднесат оставка само неколку недели по нивното именување.
Пирло требаше да го наследи Џенаро Гатузо на селекторската функција, но по неуспешните разговори, Федерацијата повторно е на почеток во потрагата по човекот што ќе ја предводи „Скуадра азура“ во следниот циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
