Пет причини за фијаското: Џикиќ, Заре, Раца… се се сведува на Наумоски

Горчлива е помислата дека во спортот со кој со години наназад се гордеевме, сега треба да играме со Гибралтар, Андора и останати анонимуси. А токму тоа ни е иднината по вчерашниот епилог во претквалификациската група, во која Македонија го освои третото место, зад Естонија и Косово, не успевајќи да се пласира ниту во главните квалификации за СП 2019 во Кина.

Сегашноста ни е црна, иднината темна, а човек не може а да не се запраша како тоа се случи за само две години репрезентација учесник на Евробаскет (2015 во Загреб) сега да испадне и од вториот ранг на натпреварување. Македонија, и се е можно… но за ваквиот краен епилог клучни беа пет моменти (одлуки) донесени од страна на раководството на МКФ.

  1. Отказот за Александар Џикиќ

Јасно ни беше дека мора да следи неизбежната смена на генерации, но и таа во прв момент беше извршена безболно, пред се поради одличниот избор за селектор. Александар Џикиќ дојде на чело на репрезентацијата и обезбеди место на Евробаскет 2015, пласирајќи се пред Данска и Белорусија. А на помалку од 40 дена пред стартот на европскиот шампионат, новото (и се уште актуелно) раководство на федерацијата, реши да му врачи отказ.

Причините што беа наведувани беа банални, единствено мерило за селекторот мора да бидат резултатите и атмосферата во репрезентацијата, што под водство на Србинот беа над сите очекувањата. Наумоски повлече потег, прва и најголема грешка кога станува збор за националниот тим.

2. Заре Маркоски, селектор „од сенка“ и главен провокатор

Srbinovski i Zare na trening

Наумоски веднаш по своето доаѓање во федерацијата за прв соработник го избра Заре Маркоски. Станува збор за легендарен стручњак кој ја водеше Македонија на првото ЕП, но како што се покажа, прегазен од времето и останат во минатото.

Маркоски за една година влезе во конфликт буквално со сите, од играчи, тренери, судии до новинари, но најголемата штета ја направи во репрезентацијата. Токму тој беше една од главните причини за смената на Џикиќ, поради желбата за негова позначајна улога во националниот тим. Само што… немаше храброст да седне на жешкото столче, туку му го препушти на Марјан Србиновски, за тој да биде „селектор од сенка“. Само што брзо „пукна тиквата“, на дваесетина дена пред ЕП дојде до сериозен конфликт меѓу вистинскиот и селекторот во сенка, за Маркоски да направи тотален хаос влегувајќи во физички конфликт со еден кошаркар за време на турнирот во Литванија.

Потоа тој се повлече од улогата, не ни отпатува на Евробаскет 2015 во Загреб (иако беше дел од федерацијата), но штетата што ја направи беше огромна.

3. Поделбата на Наумоски – на „битни“ и „небитни“

Евробаскет 2015 веќе беше во тек, Македонија имаше една победа (над Холандија) и потребен беше само еден триумф за да се пласираме во следната рунда. А тогаш во хрватските медиуми излезе интервју на Петар Наумоски во кое првиот човек на МКФ отворено го нападна Перо Антиќ нарекувајќи го екс-капитенот „небитен“ и критикувајќи ја неговата одлука да не дојде да му помогне на националниот тим.

Следеше „војна“ меѓу Антиќ, кој остави бројни пријатели во актуелната репрезентација, и Наумоски, со што беше нарушена атмосферата во Загреб, нешто што се одрази и врз резултатите до крајот на европскиот шампионат.

4. Драган Раца – писател или кошаркарски тренерdragan raca trofej makedonija

По смената на Марјан Србиновски од селекторското место, Наумоски чекаше неколку месеци за да го именува новиот кормилар на националниот тим. Чекаше, бараше, бираше… и на крајот го избра Драган Раца. МКФ во првиот период го фалеше Србинот како стратег кој напишал книги, но набрзо целата македонска јавност увиде дека кошаркарската теорија и праксата се две сосема различни работи.

Раца најавуваше дека ќе се обиде да ги убеди поискусните да се вратат, не успеа во ниту еден случај (Антиќ демантираше и дека воопшто стапил во контакт со него). Резултатите беа очајни, не се пласиравме на Евробаскет 2017, Србинот се врати на пишувањето на книги, а кошарката продолжи да ни тоне.

5. Српски „дедо“ и Американци играа за Македонија – на турнир во Кина

МКФ инсистира на создавање на култ кон репрезентацијата, но самата дозволи за нашиот национален тим да играат еден српски „кошаркарски дедо“ – Ратко Варда (37 години), и бројни американски анонимуси. Стануваше збор за турнир во Кина, дел од репрезентативците не сакаа да бидат дел од експериментот на селекторот Раца, а федерацијата од свои (најверојатно финансиски) причини не покажа доблест да го откаже учеството, туку со менаџерски играчи го одигра турнирот. Дел од составот беа и младите Македонци Љ.Младеновски и  А.Мекиќ (МЗТ Скопје А.), И. Сапунџиев (Карпош Соколи), Б.Стајиќ П. Пајиќ (Фени И.)  и Горан Главчев (Кожув), кои на турнирот повеќе ја грееја клупата отколку што играа за дресот со националниот грб – привилегија подостапна за Американците и за 37-годишниот српски центар.

И така, дојдовме до ова што сме денеска… Ги молевме сите ветерани, од прв до последен, да дојдат и да помогнат… Чековски и Тасовски прифатија и помогнаа колку што можеа, за дел од јавноста да ги критикува како тие да се главни виновници за она што ни се случи. Некои други не прифатија, но вината не може да се бара ниту кај нив, бидејќи во бројни настапи доаѓале и помагале. Суштината е подлабока, немањето стратегија ниту кај самите клубови, но факт е дека до овој репрезентативен кошмар дојде по серијата лоши одлуки на највисокото раководство на МКФ.

Впрочем, на 27 април 2015 година (денот кога Наумоски го наследи Даниел Димевски на функцијата претседател) Македонија имаше обезбедено место на Евробаскет. Две години подоцна…

Се вчитува...