Пет причини за хаосот Меси – Барселона

Информацијата за поднесеното барање за трансфер од Меси до раководството на Барселона одекна како „бомба“ во светскиот фудбал, со оглед на фактот дека Аргентинецот е еден од ретките асови на фудбалската сцена што целата кариера ја минал во еден тим, а сега и тој самиот е решен да ги промени клупските бои. Приврзаниците на Барселона се во шок, голем дел од нив го обвинуваат претседателот Бартомеу за ваквиот развој на настаните, но добро упатените тврдат дека незадоволството кај Аргентинецот тлеело веќе извесно време, за да кулминира по катастрофалниот пораз од Баерн Минхен во Лигата на Шампионите.

Каталонскиот весник „Спорт“ објави кратка анализа наведувајќи пет причини поради кои Меси го повлекол овој потег…

1. Аргентинскиот генијалец никогаш не бил во добар однос со Бартомеу и со актуелниот борд на директори. Оваа управа раководи со Барса уште од 2015 година, но и покрај потписот на неколку нови договори и насмевките пред камерите, Меси никогаш не се нашол на иста „бранова должина“ со претседателот. Токму поради ова во последните години во договорот имаше клаузула што му овозможуваше до одреден датум секое лето тој да си замине од „Камп Ноу“, како опција доколку целосно „пукне тиквата“ на релација Меси – Бартомеу, нешто што сега очигледно се има случено.

2. Наспроти шпекулациите дека Меси е тој што менува тренери во Барселона, каталонскиот весник тврди дека тој имал добар однос со речиси сите стратези. Рајкард, Гвардиола, Мартино, Вилјанова… сите тие имаа беспрекорна соработка со „десетката“ на Барса, Меси имаше неколку конфликти само со Луис Енрике, но затоа со Валверде функционираше беспрекорно. Аргентинецот до последно се обидувал да го заштити Валверде од смена, но конечната одлука ја донеле Бартомеу и Абидал. 

Проблемот е уште поголем бидејќи за нов тренер беше именуван Сетиен, апсолутно промашување кое кулминираше со загубената титула во Ла Лига и фијаското против Баерн во ЛШ.

3. Барселона инвестираше сериозни пари во нови фудбалери во последните две-три години, но Меси секогаш им ставаше до знаење на челниците за погрешните потези што се повлекуваат. Вложеното богатство во Кутињо, Дембеле и Гризман се покажа како тотално промашување, клучни играчи останаа ветерани кои веќе наполнија 3о и повеќе години, а Абидал со своите одлуки за нови играчи придонесе Барса да се најде во оваа ситуација. Французинот доби отказ од функцијата, но според Аргентинецот истото треба да се случи и со Бартомеу.

4. Не е никаква тајна дека Луис Суарез е најдобар пријател на Меси во тимот на Барселона, а Аргентинецот смета дека клубот сосема погрешно се поставил кон Уругваецот, кому во разговор пократок од една минута му било соопштено дека треба да си замине. Став на Меси е дека управата на покажува доволно почит кон оние кои направиле многу за клубот, па повеќе и тој нема причина за да покажува својата лојалност кон Барса.

5. Меси имал донесено одлука за заминување по мечот со Баерн, но уште повеќе се убедил во исправноста на она што го намислил по средбата со Роналд Куман. Аргентинецот воопшто не бил импресиониран од замислите на новиот тренер, кој на клупски план имал разочарувачки резултати секаде каде што работел. Според Меси, Куман не е тренер со кој Барселона може да атакува на трофеи во сите натпреварувања.

Се вчитува...