Хрватската фудбалска легенда Роберт Јарни доби отказ од селекторското столче во репрезентацијата до 17 години на Хрватска по изјавата дека во двомечот од Конференциската лига на УЕФА меѓу Динамо Загреб и Бетис ќе навива за шпанскиот тим.
Сето тоа ја налути онаа хрватска јавност која негува симпатии кон Динамо Загреб, а се огласи со изјава над границата на пристојноста и напаѓачот на Динамо Загреб, Бруно Петковиќ.
„Навистина кажал така? Ако го кажал тоа и мисли така, тогаш е кловн. Луѓето кои ја претставуваат Хрватска, а не навиваат за хрватски клуб во Европа се обични кловнови. Слободно напишете го тоа. Човек кој навива против своите во Европа, а е Хрват – тој е кловн“ – изјави Петковиќ.
Но, токму оваа изјава носи сега и можност за казна на Петковиќ од Хрватскиот фудбалски сојуз, кој од неодамна има нов правилник за однесување на сите фудбалски работници и актери на фудбалскиот терен.
Според Членот 83 на тој правилник, „сите фудбалски работници за време на своите фудбалски активности во јавните настапи треба да се воздржуваат од негативни ставови, навреди и клевети кон останатите членови на фудбалската организација и да даваат изјави кои се надвор од правилата на овој Кодекс. Повредите на Кодексот претставува дисциплинско прекршување кое ќе биде соодветно казенот“.
На Петковиќ сега, според правилникот, му се закануваат парична казна и забрана за игра од еден до шест натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА