Петровиќ ја менува повредената Човиќ во ЖРК Вардар

ЖРК Вардар денеска го официјализираше ангажманот на Марија Петровиќ, која потпиша договор на 18 месеци со македонскиот шампион. „Црвено-црните“ се најдоа во незавидна ситуација во повредата на Андреа Човиќ, но благовремено интервенираа и ја доведоа српската интернационалка во своите редови.

Претседателката Гордана Нацева уште на прес-конференцијата пред мечот со Будуќност ги потврди разговорите што клубот ги водеше со Петровиќ, за денеска и официјално оваа ракометарка да потпише договор и да се приклучи на тренинзите на „вардарки“.

На пивотменската позиција во Вардар во иднина ќе настапува српската интернационалка Марија Петровиќ (23) која со нашиот клуб договори 18 месечна соработка. По повредата на Андреа Човиќ која најмалку два месеци ќе биде надвор од теренот, нов играч на тоа место ќе биде репрезентативката на Србија, Петровиќ која досега има настапувано за екипите на Књаз Милош и Ниш. Со универзитетската репрезентација на Србија има освоено бронзен медал во Јужна Кореја, а играше и на последното ЕП во Шведска во декември 2016 година. Одигра шест натпревари и постигна два гола“ – се вели во клупското соопштение на Вардар.

Новата ракометарка ќе има право да настапува за Вардар во Лигата на шампионите по завршувањето на главната фаза, односно од четвртфиналните пресметки во елитното европско натпреварување.

Се вчитува...