Петровиќ: Ја заслуживме победата, важно беше што го исконтролиравме скокот

Александар Петровиќ има причина да биде задоволен по одличното издание на Академија ФМП и заслужениот триумф над составот на Еуро Никел.

Тимот од Кисела Вода одигра квалитетно против актуелниот вицешампион на Македонија, а иако најефикасни беа бековите Ајви и Крстајиќ, Петровиќ за клучни актери во мечот ги издвои своите високи кошаркари.

„Тежок и неизвесен меч во кој ние имавме контрола во текот на целиот натпревар. Го исконтролиравме скокот, нашите високи играчи одиграа на високо ниво, тоа што се договоривме го испочитувавме. Имавме мали киксови во одбраната, но најважно ни беше да го контролираме скокот бидејќи на последниот дуел со Еуро Никел имавме 15 скока помалку“, изјави Петровиќ.

Следен предизвик за неговиот тим ќе биде утрешното полуфинале против екипата на ТФТ.

„Прво да преспиеме, да ги оладиме главите… Ова вечерва е голема победа, па утре со мирна глава, со друга тактика против ТФТ кој денеска одигра феноменално против фаворизираниот Пелистер. Очекувам неизвесен и силен меч и со малку среќада стигнеме до големото финале. Сигурно и ТФТ го посакува истото, па ќе видиме кој ќе се радува на крајот“, истакна стратегот на Академија ФМП.

Се вчитува...