Петровиќ уште една година на чело на Куманово

Александар Петровиќ и во следната сезона ќе го предводи Куманово, а наскоро се очекуваат и првите потписи на кумановци со нови засилувања. Големи финансиски проблеми ја одбележаа ланската сезона на овој тим, но Петровиќ и покрај се успеа да го внесе Куманово во Супер-лигата. Како опција за тренерот во текот на летово се споменуваше и Будимир Јоловиќ, но на крајот изборот падна на Петровиќ, кој во следниот период ќе се фокусира на ангажман на нови кошаркари.

Од домашните играчи кои беа носители на играта минатата сезона, Игор Пенов и Адем Мекиќ се преселија во Охрид. Кумановци се многу блиску до потпис со Петар Николиќ, кој е слободен играч по одличната сезона во дресот на Блокотехна, а се водат и преговори со Марјан Јанески, кој по една година во Работнички би се вратил назад во Куманово. Желба на кумановци е и Горјан Марковски, кој речиси сигурно летово ќе си замине од Фени индустри.

Најважно сепак ќе биде да се обезбеди финансиска стабилност на клубот, нешто што недостига со години наназад, поради што во последните сезони редовно сме сведоци на блокирани сметки по судски пресуди за долгови кон поранешни кошаркари.

Се вчитува...