Петровиќ: Задоволен сум од резултатите, но Академија ФМП мора да продолжи во исто темпо и понатаму

Академија ФМП продолжи онаму каде што запре претходната сезона. Избраниците на Александар Петровиќ кои важеа за едно од најпријатените изненадувања продолжија со добрите настапи и во новата сезона во која по 12. одиграни натпревари се наоѓаат на третата позиција на табелата со скор од осум победи и четири порази.

Притоа „академиците“ забележаа и историски настап во БИБЛ лигата каде натпреварите против израелските претставици Гагил Ејлон и Макаби Хаифа, како и бугарските Балкан и Левски му дадоа на тимот тешки средби од кои беше извлечен квалитет, како што вели тренерот Александар Петровиќ.

„Во БИБЛ лигата имавме добра група со реномирани екипи од Израел и Бугарија кои имаат големи буџети и со тие натпревари добивме некоја цврстина и агресивност и истите ни донесоа квалитет. Од првиот дел од домашното првенство сум задоволен и од играта и од резултатите кои се заслужени, но во продолжението од сезоната мора да го задржиме квалитетот и со добра игра да дојдеме до добар резултат. Добар резултат е пласман во Суперлигата, а таму се е можно бидејќи самиот пласман во истата носи елан на тимот. Сепак во моментот најважно е да не служи здравјето“, вели за ЕКИПА, стратегот на Академија ФМП.

„Академиците“ новата година ја започнаа со историска победа во БИБЛ лигата на гостувањето кај Левски, а во првиот натпревар на домашниот фронт ќе се сретнат со лидерот на табелата Пелситер, натпревар кој е закажан за в недела.

„Пелистер е моментално резутлатски нашата најдобра екипа без пораз се и секако дека е фаворит за натпреварот, но ние нема да тргнеме со бело знаме. Ќе ја бараме нашата шанса за изненадување. На натпреварот влегуваме без притисок и истиот им го препуштаме на нив“, додава Петровиќ.

Се вчитува...